Mazedonien

Се финализира системот за електронска наплата на патарините во Македонија

Електронска наплата на патарините од мај

Се финализира системот за електронска наплата на патарините во Македонија и според најавите првата фаза ќе стартува во месец мај. Претходно во употреба ќе биде ставен контролниот Центар за мониторинг на наплатните станици, лоциран до наплатната станица во Петровец. Преку овој Контролен центар ќе се врши мониторинг на сите наплатни станици, како и регулирање на сообраќајот на автопатната мрежа во земјава.

„Овој објект најпрво ќе ги регулира сите патарини на Коридор 10 и Коридор 8. Во меѓувреме Министерството за транспорт и врски работи на проект преку Светска банка, наречен Интелигентен транспортен систем, со кој се планира за две години да се постават камери на Коридорите 10 и 8 и на сите клучки. Сите поставени камери ќе бидат директно поврзани со овој центар, а исто со овој центар ќе се поврзат и постоечкиот Контролен центар во Неготино и новиот што треба да се изгради во Кичево. На тој начин, од ова место ќе може да се врши мониторинг на целиот сообраќај во земјава“, изјави директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.

Досега целосно модернизирани и проширени се наплатните станици Романовце, Отовица и Сопот, Петровец и Миладиновци се во завршна фаза, а оние кај Градско, Демир Капија и Гевгелија се во изградба. Електронската наплата на патарините на автопатот од Табановце до Богородица треба да стартува во мај. Делниците од Скопје кон Гостивар ќе бидат додадени во втората фаза, а наплатните станици на автопатот кон Штип допрва треба да се изградат.

Наплатата на патарините ќе се одвива комплетно електронски преку бесконтактни смарт-картички

АС