Kultur Lernen Mazedonien

147 години од раѓањето на Гоце Делчев

 Денес се навршуваат 147 години од раѓањето на Гоце Делчев.

Делчев  е еден од најголемите револуционери во историјата на македонскиот народ, еден од лидерите  на Тајната Македонско – Одринска Револуционерна Организација (ТМОРО), која  на Рилскиот конгрес 1905 е преименувана во Внатрешна Македонско – Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО).


Георги Николов Делчев е роден на 23 јануари (4 февруари, нов стил), 1872 во Кукуш, Егејска Македонија  како прво машко дете, трето по ред на бројната фамилија Делчеви која имала вкупно девет деца. Делчев произлегува од релативно добро ситуирано семејство. Татко му Никола Делчев бил кукушанец, а мајка му Султана Нурџиева потекнува од блиското село Мурарци.

Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.

Смртта на Гоце не била случајна. Неговото исчезнување било посакувано од бројни фактори. Но кој е предавникот или предавниците? Правиот одговор може да го даде само досега непозната архивска документација, ако е сочувана. Злорадоста напоила нечии срца, како оние на врховистите: Иван Цончев, Атанас Јанков, Софрониј Стојанов, Александар Протогеров, на кои им се припишува следново коментирање: Најпосле се куртуливме од тоа куче.

Гоцевата смрт била регистрирана во повеќе османлиски телеграми. Борбата кај Баница најпрво била регистрирана во шифрираната телеграм од управата на Серскиот санџак од 4 мај 1903 година, а Гоцевата смрт во шифрираната телеграма на Солунската окружна управа од 5 мај 1903 година. Османлиското задоволство било големо. Високата порта издала официјално соопштение со што ставила посебен акцент на настанот. Во тој контекст, Хусеин Тефиков бил унапреден во аскерски полковник. Ненадејната смрт на Гоце, нашла место во дипломатските извештаи.

Трагичната судбина на Гоце ја завила Македонија во траур. Неговата смрт претставува ненадоместлива загуба за македонскиот народ. Овој настан особено ги погодил смилевските конгресисти. На 31 годишна возраст слегла од животната и историската сцена, несомнено, најдинамичната личност на македонското револуционерно национално ослободително движење во предилинденскиот период, којшто оставил трајни траги во поновата македонска историја.

АС