Mazedonien Politik

Стево Пендаровски стана петтиот претседател на Северна Македонија

06.05.2019

Стево Пендаровски стана петтиот претседател на Северна Македонија

 

Според првичните официјални податоци објавени на веб страницата на Државната изборна комисија, од преброени 100 проценти од гласовите на сите 3512 гласачки места, кандидатот на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски освои 51,66 отсто од гласовите или 436.212 гласови, додека кандидатката на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата Гордана Сиљановска Давкова 44,73 отсто од гласовите или 377.713. Бројот на неважечки ливчиња е 3,61 отсто или 30.442 ливчиња.

Бидејќи беше утврдено дека потребниот цензус од 40 проценти во вториот круг неоходен за регуларност на изборите е надминат, ДИК вчера му ја честиташе победа на Пендаровски на шестите претседателски избори во земјава од осамостојувањето.

Денеска ДИК треба да одржи прес конференција на која официјално ќе ги соопшти резултатите, со што почнуваат да течат роковите за приговори.

Пендаровски е петтиот претседател на државата, по Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов. Тој беше кандидат за претседател на СДСМ и коалицијата и во 2014 година, но загуби во вториот круг од актуелниот претседател Иванов зад кој застана тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ.

На 12 мај официјално завршува вториот мандат на Иванов и во резиденцијата на Водно ќе се всели семејството Пендаровски.

Стево Пендаровски има 56 години, оженет е со Елизабета Ѓоргиевска докторка на Стоматолошкиот факултет во Скопје и татко на средношколецот Огнен.

Пендаровски е професор на приватниот универзитет во Скопје, „Американ Колеџ“. Предава меѓународна безбедност, надворешна политика и глобализација на факултетот за политички науки. Тој пред да се кандидира за претседател, беше национален координатор за подготовка на Република Северна Македонија за членство во НАТО.

Стево Пендаровски ја започнал својата кариера како началник на Управата за аналитика и истражување во Министерството за внатрешни работи и портпарол на министерството. Тој беше главен советник за безбедност на поранешниот претседател Борис Трајковски и на претседателот Бранко Црвенковски. Од 2004 до 2005 година беше Претседател на Државната изборна комисија.

Иако никогаш не бил член на СДСМ, во последната деценија тој ги поддржување политиките на партијата и стана нивен кандидат за претседател на изборите во 2014, кога изгуби од Ѓорге Иванов. Тогашната опозиција, СДСМ ја обвини власта на ВМРО-ДПМНЕ за местење на изборите.

СДСМ и Пендаровски  кампањата ја фокусираа главно на успешниот Преспански договор, влезот во Нато и интеграциите во ЕУ. Неговиот слоган беше „Заедно напред“.

Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан прв му ја честиташе победата на новоизбраниот претседател на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, му ја честиташе победата на новиот претседател на Северна Македонија, Стево Пендаровски.Шефот на Северноатлантската алијанса преку Твитер му честиташе за победата.

АС