Diaspora Lernen Mazedonien

ПРИРАЧНИК со корисни информации за иселениците од Македонија

10.2019 – Македонија

Агенција за иселеништво на Република Северна Македонија

ПРИРАЧНИК со корисни информации за иселениците од Македонија (практичен водич)

Во согласност со надлежностите на Агенцијата за иселеништво да се грижи за положбата, правата и интересите на иселеништвото од Македонија, Агенцијата за иселеништво во соработка со Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Министерството за правда- Управа за водење на матични книги, Сектор за гранична полиција и миграции и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на РМ изготви Прирачник наменет за иселениците од Македонија.
Од исклучителна важност е континуирано да се работи на подобрување на комуникацијата и информирањето за сите битни прашања од економскиот, општествениот и политичкиот живот во Република Северна Македонија, но и во остварувања на правата кои вам иселениците од Македонија ви припаѓаат во Република Северна Македонија. Тоа е и еден од битните предуслови за ваше активно вклучување во економскиот и општествениот живот на Република Северна Македонија.
Врз основа на досегашната соработка и контакти со вас и анализата на најчесто поставуваните прашања од ваша страна, утврдивме кои се областите од посебен интерес за вас.
Прирачникот е конципиран во пет области на интерес, така што за секоја област има основни информации, за потоа преку поставено прашање со одговор, на разбирлив и едноставен начин ви се помогне да дојдете до точната информација. Се работи за
следните области:
» Државјанство на Република Северна Македонија,
» Лични документи,
» Матична евиденција на државјаните на Република северна Македонија,
» Права и обврски на иселениците од Македонија за влез во Република Северна
Македонија кои немаат државјанство на РСМ
» Пензискоиинвалидскоосигурувањеибилатералнидоговоризасоцијално
осигурување на РСМ и земјите каде што живеат и работат иселениците од Македонија. Целта е на едно место да се пружат информации за постоечките законски процедури, така што на крајот на секоја област се дадат и податоци за контакт со надлежните институции кои учествуваат во спроведување на тие процедури.
Искрено се надеваме дека во овој прирачник ќе најдете корисни информации, кои ќе ја олеснат вашата комуникација со државните институции, со што би се подобрило давањето на квалитетни и професионални услуги.
На крај Агенцијата за иселеништво ве повикува на поинтензивна соработка и давање на предлози и сугестии од ваша страна за подобрување на содржината на овој прирачник и унапредување на нашата понатамошна соработка.

 

ВОВЕД:
Агенција за иселеништво Директор, Никола Шалваринов

Издавач:
Агенција за иселеништво на Република Северна Македонија
За издавачот:
Aгенцијата за иселеништво на Република Македонија ги врши работите и задачите кои се однесуваат на положбата и правата на иселениците од Македонија, помагањето на нивниот културен развој и унапредувањето на врските со нив и нивните организации, запознавањето на иселениците од Македонија со состојбата во Република Македонија, создавањето услови за враќање на иселениците во Република Македонија, создавање услови за вклучување на иселениците во јавниот и економскиот живот на Република Македонија и други работи утврдени со закон.
Текстот го припремил:
Секторот за правни, економски работи и реинтеграција на иселеници од Македонија
Техничка обработка:
Агенција за иселеништво, Министерство за надворешни работи, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда – Управа за матични книги, Секторот за гранична полиција и миграција, Фонд за пензиско и инвалидско работење, Друштво за маркетинг, трговија и услуги АД ВЕЛЈУ ДООЕЛ Скопје
Тираж: 300
Државјанство на Република Северна Македонија Лични документи
Матична евиденција на државјаните на Република Северна Македонија
Права и обврски на иселениците од Македонија за влез во Република Северна Македонија кои немаат државјанство на РМ
Пензиско и инвалидско осигурување и билатерални договори за социјално осигурување на РМ и земјите каде што живеат и работат иселениците од Северна Македонија

1Државјанство на Република Северна Македонија

ОСНОВНИ ИНФОРМАЦИИ
Материјата државјанство е регулирана со Законот за државјанство на Република Северна Македонија (Сл.весник на РМ бр. 67/92, 8/04, 98/08, 158/11 и 55/2016) и Уредбата за утврдување на критериумите за особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес за стекнување државјанство на Република Северна Македонија (Сл. Весник на РМ бр. 9/05, 161/2012).
Со овој закон се уредуваат начинот и условите за стекнување и престанување на државјанството на Република Македонија, утврдување на државјанството, надлежниот државен орган за решавање на овие случаи, докажување на државјанството и водење на евиденција на државјаните на Република Македонија. Државјанството е правна врска меѓу вас и државата и не го означува вашето етничко потекло.
Законот дозволува поседување државјанство и на друга држава – двојно државјанство.
Во Република Северна Македонија се сметате само како државјанин на Република Северна Македонија.
Еднаш стекнато државјанство на Република Северна Македонија не се губи, ниту пак може да биде одземено.
Доколку лицето го нема во евиденцијата за државјани на Република Северна Македонија, треба само да поднесе барање за утврдување на државјанство на Република Северна Македонија до Министерството за внатрешни работии и податокот за утврдување ќе го запише во евиденцијата на државјаните на Република Северна Македонија.
Барање за стекнување, престанување или утврдување на државјанство на Република Македонија се поднесува до Министерството за внатрешни работи според живеалиштето на лицето или ако лицето живее во странство, до ДКП на Република Северна Македонија во странство.
Државјанство на Република Северна Македонија од страна на иселениците од Македонија може да се стекне на следниве начини: со потекло, со природување, стекнување повторно државјанство и стекнување државјанство на брачен другар – странец во брак со македонски државјанин.

Државјанство на Република Северна Македонија
Што е државјанство со потекло?
Вашето дете стекнува државјанство на Република Северна Македонија со потекло кога и двајцата родители се државјани на Република Македонија, независно каде е родено.
По потекло, Вашето дете кое е родено во странство стекнува државјанство на Република Северна Македонија, доколку еден од Вас родителите е државјанин на Република Северна Македонија.
Државјанство на Република Северна Македонија со потекло стекнува и посвоеник при потполно посвојување на кој двата или едниот посвоител е државјанин на Република Северна Македонија.
Дали детето родено во странство, на кое едниот родител е државјанин на Република Македонија, а другиот странски државјанин, ќе стекне државјанство на Република Северна Македонија?
Со потекло детето ќе стекне државјанство на Република Северна Македонија доколку до наполнети 18 години живот биде пријавено од ваша страна за запишување како државјанин на Република Северна Македонија или ако до наполнети 18 години живот постојано се насели во Република Северна Македонија со родителот кој е државјанин на Република Северна Македонија.
Доколку вашето дете не е пријавено од ваша страна за запишување како државјанин на Република Македонија, со наполнети 18 до навршени 23 години живот може само да поднесе пријава за упис во државјанство на Република Северна Македонија.
Детето кое се стекнува по овој основ со државјанство на Република Северна Македонија, се смета за државјанин на Република Македонија од моментот на раѓање.
Што треба да направам ако моето дете е родено во странство?
Треба да поднесете барање за запишување во книгата на родени и регистарот на државјани во матичната служба во местото на живеење на родителот кој е државјанин на Република Македонија. Ако сте во странство, раѓањето треба да го пријавите во најблиската амбасада или во најблискиот конзулат на Република Северна Македонија во странство.
Што ако посвојам дете?
Вашето целосно посвоено дете, исто така, ќе се стекне со државјанство на Република Македонија со потекло, доколку двајцата или еден од вас родителите е државјанин на Република Македонија.
Дали дете поднесува барање за прием во државјанство на Република Северна Македонија?
Не, дете помало од 18 години живот се стекнува со државјанство преку неговите родители, но запомнете дека родителите треба да ги наведат податоците за детето во своето барање.
Што значи природување?
Ако како возрасен доброволно се стекнете со државјанството на државата во која престојувате, откако сте ги исполниле условите од законот на таа држава тогаш сте стекнале државјанство со природување. Во Република Северна Македонија, природувањето може да биде пред с врз основа на годините на законски престој или на брак со државјанин на Република Северна Македонија. Ако стекнете државјанство на Република Северна Македонија со природување, вашите малолетни деца, исто така, ќе го добијат истото државјанство, но запомнете дека податоците за нив треба да ги вклучите во вашето барање за прием во државјанство на Република Северна Македонија.
Кои се привилигирани услови за стекнување на државјанство на Република Северна Македонија со природување?
Со природување иселеник од Република Северна Македонија, како и негов потомок до прво колено, може со природување да стекне државјанство на Република Македонија. Иселениците и нивните потомци до прво колено можат да стекнат двојно државјанство, односно покрај државјанството кое го поседуваат и државјанството на Република Северна Македонија.
Во постапката за стекнување на државјанство на Република Северна Македонија по овој основ треба да се утврди дали сте иселеник од Република Северна Македонија или потомок до прво колено на иселеник од Република Северна Македонија.
Дали странец кој е во брак со државјанин на Република Северна Македонија може да се стекне со државјанство на Република Северна Македонија и што треба да исполнува?
Државјанство на Република Северна Македонија по основ на брак може да стекне странец кој е во брак со државјанин на Република Северна Македонија најмалку 3 години и до поднесувањето на барањето законски престојува најмалку 1 година непрекинато на територијата на Република Северна Македонија.
Странец кој е во брак со државјанин на Република Северна Македонија најмалку осум години, кој законски и постојано живее во странство и со Република Северна Македонија има цврста и ефективна поврзаност може да се стекне со државјанство на Република Северна Македонија.

Дали можам како странец да се стекнам со државјанство на СРМ, а сум по потекло од Македонија?
Странец, а со потекло од Македонија, кој не е иселеник од Република Северна Македонија, ниту негов потомок до прво колено, може да се стекне со државјанство на Република Северна Македонија, со природување доколку тоа претставува друг особен национален интерес и ги исполнува следните услови:
» да е по потекло од Република Северна Македонија, а живее надвор од нејзините граници и го познава македонскиот јазик,
» има издадено позитивна публицистичка дејност за историјата, политичкиот и економскиот развој на Република Северна Македонија,
» презема активности со кои ја афирмира Република Северна Македонија во светот, и » е активен во друштвата и заедниците на Република Северна Македонија во
странство.
Постоењето на особениот национален интерес, во зависност од утврдените надлежности го оценува Агенцијата за иселеништво (за иселениците од Република Северна Македонија), Министерството за надворешни работи (за македонското национално малцинство) и Министерството за внатрешни работи.
Дали иселениците што имаат право на државјанство на Република Северна Македонија можат да започнат постапка за негово добивање во најблиското дипломатско-конзуларно претставништво и кои документи се потребни?
Да, иселениците можат да поднесат барање и да започнат постапка пред ДКП на Република Македонија во странство и да ги поднесат следните документи:
» Барање за државјанство (образец што се дава во ДКП);
» Извод од Матичната книга на родените на интернационален образец (ако
е издаден од странски орган, не постар од шест месеци);
» Извод од Матичната книга на венчаните на интернационален образец (ако е издаден од странски орган, не постар од шест месеци);
» Доказ за решено станбено прашање во Република Северна Македонија;
» Доказзапостојанизворивисинанаматеријалнитесредствазаегзистенција (потврда за висина на платата или на пензијата);
» Доказ за познавање македонски јазик (доколку барателот посетувал настава во Република Северна Македонија, како доказ се подразбира оригинал свидетелството или копија заверена на нотар).
Дали треба да платам такса за стекнување државјанство?
Да, треба да платите административна такса од 100 евра. Пред да го поднесете барањето треба да уплатите 20 евра и потврдата од пошта/банка дека сте ги уплатиле треба да ја приложите заедно со барањето. Останатите 80 евра треба да ги уплатите ако добиете државјанство на РСМ пред да си го подигнете решението во подрачната единица на Министерството за внатрешни работи. И за тоа треба да доставите потврда од пошта/банка.
Во кои случаи може да бидам ослободен од плаќање на административна такса при поднесување на барање за стекнување на државјанство на Република Северна Македонија?
Доколку се работи за прием во државјанство на Република Македонија од национален интерес, на ваше барање може да бидете ослободени од плаќање на административна такса.
Дали може да ми престане државјанството на Република Северна Македонија?
Да, доколку побарате отпуст од државјанство на Република Северна Македонија, тогаш треба да имате странско државјанство или да докажете дека ќе бидете примени во странско државјанство (овој доказ го доставувате Вие и треба да биде преведен на македонски јазик и заверен кај нотар)
Останатите потребни докази се прибавуваат по службена должност.
Имам отпуст од државјанство на Република Северна Македонија, дали може повторно да поднесам барање за стекнување со државјанство на Република Македонија?
Доколку имате отпуст од државјанство на Република Северна Македонија и повторно барате прием во државјанство на Република Северна Македонија, треба да се придржувате на законскиот рок на поминати најмалку 3 години од отпустот до денот на поднесување на барање за повторен прием во државјанство на Република Македонија.
Имам намера да инвестирам во Република Северна Македонија, а сум странец и дали така можам да сè стекнам со државјанство на Република Северна Македонија?
Странец кој ќе инвестира капитал во износ од најмалку 400.000 евра по лице како
директна инвестиција во нови капацитети во Република Северна Македонија, со исклучок на угостителски објекти за исхрана и трговски капацитети, со најмалку десет вработени лица на неопределено време во период од најмалку 1 година, може да поднесе барање за стекнување на државјанство на Република Северна Македонија по овој основ.
Покрај овој критериум, особен економски интерес постои ако странецот е: » врвен менаџер во светски рамки,
» врвен стручњак за технологии кои не се применуваат во Република Северна Македонија,
» е стручњак за област која е дефицитарна со соодветни кадри,
» остварува економска соработка со деловни субјекти од Република
Македонија,
» остварува директна инвестиција во постојни деловни објекти, во изградба на нови капацитети во земјата или во долгорочни хартии од вредност,
» инвестира во областа на индустриската сопственост, знаење и искуство, иновации и технолошки развој,
» Придонесува за промоција на економијата на Република Северна Македонија во странство и
» донира или придонесува за донирање на средства за остварување на економски реформи и други приоритети во Република Северна Македонија.
Кој носи Решение за стекнување или утврдување државјанство на Република Северна Македонија и како се доставува?
Решение за стекнување или утврдување на државјанство на Република Северна Македонија носи Министерот за внатрешни работи, а доставувањето е лично.

2Лични документи
Согласно Законот за патни исправи на државјаните на Република Северна Македонија, патни исправи се пасош, заеднички пасош, службен пасош и патен лист, како и патни исправи кои се издаваат врз основа на меѓународни договори. Пасошот е електронска исправа за лична идентификација која му се издава на државјанин на Република Македонија заради патување и престој во странство, како и за враќање во земјата.
Каде може да биде издаден пасош?
Патна исправа на државјанин на Република Северна Македонија кој живее во странство може да биде издадена во следниве дипломатско-конзуларни претставништва: Мелбурн, Канбера, Чикаго, Њујорк, Детроит, Торонто, Берлин, Бон, Минхен, Стокхолм, Копенхаген, Хаг, Брисел, Берн, Лондон, Париз, Венеција, Виена и Љубљана.
Мобилни станици за администрирање на патни исправи престојуваат во овие претставништва трипати годишно.
Кои видови патни исправи постојат?
Постојат повеќе видови патни исправи и тоа: пасош, заеднички пасош, дипломатски пасош, службен пасош и патен лист, како и патни исправи кои се издаваат врз основа на меѓународни договори.
Што е патен лист, за што служи и дали има рок на важност?
Патниот лист е лична исправа која му се издава на државјанин на Република Северна Македонија кој останал во странство без патна исправа, само за враќање во земјата.
Каде иселениците можат да добијат патен лист и кои документи се потребни?
Патниот лист го издава ДКП на Република Северна Македонија во странство на државјанин на Република Македонија, кој во странство останал без патна исправа. Се прави само проверка на државјанскиот статус од Министерството за внатрешни работи телефонски или по е-маил. Патниот лист се издава со рок на важење до 30 дена или за времето кое е потребно за враќање во Република Македонија.
Дали може иселеник од Македонија кој живее во странство повеќе од 6 месеци, да поднесе барање за издавање на пасош во ДКП на Република Македонија во странство?
Државјанин на Република Северна Македонија кој во странство престојува непрекинато повеќе од 6 месеци, може да поднесе барање за издавање на пасош во ДКП на Република Македонија во странство.
Каде сè има мобилни станици за издавање на пасош?
Согласно Акциониот план што го изготвува Министерството за надворешни работи, пасоши се примаат и издаваат во Мелбурн, Канбера, Чикаго, Њујорк, Детроит, Торонто, Берлин, Бон, Минхен, Стокхолм, Копенхаген, Хаг, Брисел, Лондон, Париз, Берн, Венеција, Виена и Љубљана.
Кои сè документи треба да се поднесат за издавање на патна исправа во ДКП?
Потребни документи за издавање на пасош во ДКП на Република Македонија во странство се истите како и во Република Северна Македонија и тоа апликацијата за пасош, започнува со пополнување на:
» барање за издавање на пасош (барањето може да се најде во просториите на ДКП),
» лична карта или друга јавна исправа од која може да се утврди идентитетот на подносителот на барањето, а за лица кои немаат живеалиште на територијата на Република Северна Македонија се приложува лична карта издадена од надлежен орган на странска држава или друга јавна исправа од која може да се утврди нивниот идентитет;
» уплатница на жиро сметка во износ од 1.500,00 денари за образецот на пасошот;
» уплата за административна такса од 100,00 денари на уплатница за лица до 4 годишна возраст;
» уплата за административна такса од 200,00 денари на уплатница за лица од 4 до 27 годишна возраст;
» уплата за административна такса од 300,00 денари на уплатница за лица над 27 годишна возраст.
» Постои и можност и за безготовинско плаќање.
Дали дете помладо од 18 години може самостојно да поднесе барање
Барање за издавање на пасош на малолетно лице, односно лице кое е лишено од
деловна способност, го поднесува еден од родителите, односно старателот, доколку лицето е под старателство кое го докажува со решение.
Во случај кога родителите се разведени или кога родителското право го врши еден од родителите, барањето за издавање на пасош за лице помладо од 18 години го поднесува родителот на кого му е доверено на чување и воспитување, со согласност и од другиот родител.
Ако другиот родител се противи на издавањето на патната исправа, тогаш се бара мислење од Центарот за социјални работи.
Дали може да се одбие поднесено барање за пасош и во кои случаи?
Поднесено барање за издавање на пасош ќе се одбие и нема да се издаде пасош во следните случаи:
» aко против лицето кое бара издавање на пасош е поведена кривична постапка на барање од надлежниот суд,
» ако лицето кое бара издавање на пасош е осудено на безусловна казна затвор додека не ја издржи казната
» ако тоа го бара Центарот за социјална работа во врска со вршењето надзор над родителското право и работите со старателството, согласно со Законот за семејство.
» ако на лицето му престанало државјанството на Република Северна Македонија.
Доколку се поднесе барање за издавање на пасош во ДКП на Република Северна Македонија во странство, каде треба да се подигне готовиот пасош и во кој рок?
Издавањето на пасошот се врши во ДКП каде е поднесено и барањето и тоа најдоцна во рок од 90 дена од денот на поднесување на барањето со доставена потребна документација.
Доколку иселеник го изгуби пасошот или патниот лист во странство, што треба да направи, каде да се обрати и во кој рок може да поднесе барање за нов пасош или патен лист?
Ако иселеник изгуби пасош во странство должен е веднаш да пријави во ДКП на Република Северна Македонија во странство и може веднаш да се пријави дека сака да извади дупликат пасош или патен лист.
Што е лична карта и дали иселениците од Македонија може да поседуваат лична карта?
за издавање на патна исправа?

Лична карта е јавна исправа со која се докажува идентитетот, државјанството на Република Северна Македонија, живеалиштето и адресата на граѓанинот на Република Северна Македонија.
Иселеник може да поседува лична карта од Република Северна Македонија доколку живеел во Република Северна Македонија па се иселил во странство. Ако лицето е родено во странство и никогаш не живеело во Република Северна Македонија не може да извади лична карта затоа што нема живеалиште во Република Северна Македонија.
Имам лична карта од времето кога живеев во Република Северна Македонија, сега сум иселеник и повеќе години живеам во странство, дали може да ми се издаде нова лична карта, бидејќи на старата и е истечен рокот на важност?
Кога старата лична карта е истечена, а вие живеете во странство и понатаму не може да извадите нова доколку имате пријавено дека сте заминале и живеете во странство. Доколку се вратите во Република Северна Македонија тогаш повторно може да добиете жителство и да извадите лична карта.
Дали личната карта на иселеник го одредува и неговото живеалиште?
За да се издаде лична карта на Република Северна Македонија претходно треба да се има пријавено живеалиште во Република Македонија.
Што треба да направам ако не живеам во Република Северна Македонија и живеам во странство подолго од 3 месеци?
Доколку не живеете во Република Северна Македонија повеќе од три месеци, задолжително треба да поднесете Пријава на граѓанин за престој во странство подолго од три месеци.
Каде сè може да се поднесе Пријава на граѓанин за престој во странство подолго од три месеци?
Пријава на граѓанин за престој во странство подолго од три месеци може да се добие и поднесе: кај надлежниот орган во местото на живеалиштето, на секој граничен премин или во ДКП на Република Северна Македонија во странство (Амбасада или Конзулат), во земјата каде се престојува.
Што треба да направам доколку се вратам во Република Северна Македонија?
Имате обврска да го пријавите и враќањето во Република Македонија, во рок од 3 дена од денот на враќањето во местото на живеалиште во Република Северна Македонија.

Матична евиденција
Основните лични податоци за граѓаните се водат во: матична книга на родените, матична книга на венчаните и матична книга на умрените. Матичните книги и изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги се јавни исправи.
Матичните книги ги водат Управата за матични книги и други органи во случаи определени со Законот за матична евиденција. Матичните книги се водат одделно за секое населено место, според матични подрачја што ги определува Министерството за внатрешни работи и од овластен работник (матичар).
По исклучок, матичната книга на венчаните се води за населени места определени за склучување на брак.
Што да направам ако ми се роди дете во државата каде што живеам во странство, а сум македонски државјанин?
Во случај ако живеете надвор од територија на Република Северна Македонија подолго време и Ви се роди дете таму, можете да поднесете барање за неговото запишување во матичната книга на родените во Република Северна Македонија во матичното подрачје каде сте имале последна адреса на живеење пред да заминете од Република Северна Македонија.
Зошто е значајно моето дете родено во странство да биде запишано во матичната книга на родените во Република Северна Македонија?
Со самото запишување на Вашето дете во матичната книга на родените, покрај тоа што детето ќе добие извод од матична книга на родени од Република Северна Македонија истото ќе добие и државјанство на Република Северна Македонија и македонски Единствен матичен број.
Кои документи ми се потребни за да поднесам барање за запишување на моето дете во матичната книга на родените?
Најважен документ кој е потребен за да се запише детето е да приложите оригинал извод од матичната книга на родените со апостил печат преведен на македонски јазик, (во случај ако не е на меѓународен образец или ако има некоја буква која ја нема во македонската азбука), примерок (копија) од Ваш извод од матична книга на венчаните во случај ако сте венчани, копии од Ваши важечки документи за идентификација (пасош, лична карта) и согласност од родителот кој е странски државјанин за запишување на детето во матична книга на родените и во книгата на државјани на Република Северна Македонија.

Дали има рок за поднесување на барањето за запишување на моето дете во матичната книга на родените?
Не постои точно утврден рок во кој сте задолжени да го запишете Вашето дете во матичната книга на родените.
На кој начин можам да поднесам барање за запишување на моето дете во матичната книга на родените?
Постојат 3 начини за запишување на Вашето дете во матичната книга на родените.
Првиот начин е Вие лично да поднесете барање за запишување на Вашето дете на шалтерите на Управата за водење на матичните книги во Р.Македонија.
Вториот начин е да поднесете барање преку Дипломатско-конзуларните преставништва на Република Македонија.
Исто така, постои можност и да ополномоштите некој со Полномошно заверено на нотар/или заверено во македонска амбасада кој во Ваше име ќе го изврши пријавување на Вашето дете и да може тоа лице да го подигне изводот од матичната книга на родените за Вашето дете.
Дали постои начин само еден од родителите да поднесе лично барање за дополнително запишување на моето дете?
Секако дека постои начин, потребно е родителот да ги поседува сите документи што се наведени во прашање број 3.
Живеам во странство подолго време но ми треба нов извод од матична книга на родените. Како можам да извадам нов извод од матична книга на родените?
Постојат три начини за поднесување на барање за извод од матична книга на родени/венчани/умрени. Едниот начин е лично на шалтерите на Управата за водење на матичните книги, вториот начин е со полномошно заверено на нотар/ македонска амбасада кој во Ваше име ќе поднесе барање за издавање на изводот од матична книга на родени/венчани/умрени или преку Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија со седиште во државата каде живеете.
Матична книга на венчани
Како можам да го запишам бракот склучен во странство?
Постојат 3 начина за да го запишете Вашиот брак склучен во странство.
Првиот начин е да дојдете лично на шалтерите на Управата за водење на матичните книги, вториот начин е да ополномоштите некое лице со полномошно заверено на нотар или во македонската амбасада во Ваше име да поднесе барање и да може да го подигне македонскиот извод на венчани. Третиот начин е преку Дипломатското- конзуларното претставништво на Република Северна Македонија со седиште во државата каде што живеете.
Кои документи ми се потребни за да го запишам бракот склучен во странство?
Потребно е да приложите оригинален извод од матичната книга на венчаните со апостил печат (преведен на македонски јазик, во случај ако не е на меѓународен образец или ако има некоја буква која ја нема во македонската азбука), копии од Ваши важечки лични карти/пасоши и изјава од невестата/младоженецот при склучување на бракот кое презиме го зима.
Дали има рок за запишување на бракот склучен во странство?
Не постои рок утврден за запишување на бракот, меѓутоа пожелно побрзо да го сторите тоа заради изедначување на евиденциите кои се водат во Република Северна Македонија со матичните служби во странство.
Матична книга на умрени
Како можам да запишам лице починато во странство во матична книга на умрени?
Согласно законот за матична евиденција секое лице може да поднесе барање за запишување на смрт, меѓутоа извод од матична книга на умрени може да подигне само законски наследник на починатиот.
Кои документи се потребни да се запише некое лице починато во странство?
Потребно е да приложите оригинал извод од матичната книга на умрените со апостил печат (преведен на македонски јазик, во случај ако не е на меѓународен образец или ако има некоја буква која ја нема во македонската азбука), копија од важечки документ за идентификација на починатиот, копија од извод на родени/ венчани на починатиот.
Како можам да запишам лице починато во странство?
Постојат 3 начина за да го запишете фактот на смрт настапена во странство.

Првиот начин е да дојдете лично на шалтерите на Управата за водење на матичните книги, вториот начин е да ополномоштите некое лице со полномошно заверено на нотар или во македонската амбасада во Ваше име да поднесе барање за запишување на смрт во матична книга на умрени и да може да го подигне македонскиот извод на умрени. Третиот начин е преку Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија со седиште во државата каде што живеете.

4Права и обврски
на иселениците од Македонија за влез во Македонија кои немаат државјанство на Република Северна Македонија
Права и обврски на иселениците од Македонија за влез во Македонија кои немаат државјанство на Република Северна Македонија
Кои обврски ги имаат иселениците од Македонија, без државјанство на Република Северна Македонија, кога ќе дојдат во Република Македонија?
Вие иако сте по потекло од Македонија, во Република Македонија сте странци затоа што немате државјанство на Република Македонија и должни сте да го пријавите вашето престојувалиште во Република Северна Македонија. Престојувалиште е местото во кое вие привремено престојувате за време на вашиот престој во Република Северна Македонија.
Кој поточно има обврска да го пријави престојувалиштето за овие граѓани во зависност каде престојуваат во Република Македонија?
Прашањето за пријавување на иселеници од Македонија, кои немаат државјанство на Република Македонија е уредено во Законот за странци.
Престојувалиште во смисла на овој закон е место во кое иселеникот – странец привремено престојува за време на неговиот престој во Република Северна Македонија. Обврската за пријавување на странец доколку престојува во Република Северна Македонија во хотел,мотел,преноќувалиште или други објекти кои се во сопственост на правно лице е на овластено лице во правното лице.
Други лица (жители на Република Северна Македонија) кај кои странците престојуваат се должни да го пријават престојот на странецот во рок од 48 часа од часот на доаѓањето на странецот во надлежната полициска станица.
Што треба да направам за да ми се издаде дозвола за привремен престој во Република Северна Македонија, а сум иселеник од Македонија, но немам државјанство на Република Македонија?
Со оглед дека немате државјанство на Република Северна Македонија, вие сте странец и за добивање дозвола за привремен престој во Република Македонија треба да ги исполните следните услови:
» даиматесредствазаиздржување,односноиздржувањетовиеобезбедено на друг законски начин,
» да имате обезбедено сместување или имате средства за сместување,
» да имате здравствено осигурување,
» да ги исполнувате условите предвидени за одделни видови на дозволи за привремен престој (во основот за регулирање на привремен престој по потекло, доказ дека лицето е по потекло од РМ).
» Решение за отпуст од државјанство, Решение за отпуст од државјанство на родителите на странецот.

Права и обврски на иселениците од Македонија за влез во Македонија кои немаат државјанство на Република Северна Македонија
Имам намера да престојувам во Република Македонија без моите родители и имам 18 години живот и немам државјанство на Република Северна Македонија, што треба да направам да добијам дозвола за престој?
Странец, кој е на возраст до 18 години живот, а кој има намера во Република Северна Македонија да престојува без придружба на родител, односно старател, покрај другото треба да приложите и заверено одобрение од родителите, односно од старателот за престој во Република Македонија.

5Пензиско и инвалидско осигурување
и билатерални договори за социјално осигурување на РМ
и земјите каде што живеат и работат иселениците од Македонија
Пензиско и инвалидско осигурување и билатерални договори за социјално осигурување на РМ и земјите каде што живеат и работат иселениците од Македонија,
Република Северна Македонија, со цел да ги заштити своите граѓани во странство, со другите држави склучила меѓународни договори за социјално осигурување.
Со нивната примена, граѓаните на Република Македонија кои се вработени или престојуваат во странство, како и членовите на нивните семејства, ги остваруваат своите права по основ на работата, односно осигурувањето во странство, а со тоа и на одредени облици на социјална заштита.
Со пензиското и инвалидското осигурување според меѓународните договори се обезбедува право на старосна, инвалидска и семејна пензија.
Република Северна Македонија по осамостојувањето ги склучи и во примена се договорите за социјално осигурување со следните држави: Хрватска, Австрија, Турција, Словенија, Германија, Швајцарија, Бугарија, СР Југославија (се применува за Србија), Босна и Херцеговина, Чешка, Холандија, Полска, Романија, Луксембург, Белгија, Австралија, Црна Гора, Канада, Унгарија, Словачка Република и Република Албанија и Договор меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово за потврдување на периодите на осигурување за остварување право на пензија.
По осамостојувањето на Република Северна Македонија продолжија да се применуваат следните договори преземени од поранешна Југославија: Франција, Италија, Велика Британија, Ирска, Норвешка, Шведска и Данска.
Кои се условите за македонска старосна пензија?
Осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.
Кои сè документи се потребни за поднесување на барање за старосна пензија?
За остварување на право за старосна пензија потребни ви се следните документи:
» работна книшка и докази за пензискиот стаж што не е евидентиран во работната книшка,
» меѓународен Извод од матичната книга на родените, » потврда за отслужен воен рок за мажи и Пензиско и инвалидско осигурување и билатерални договори за социјално осигурување на РМ и земјите каде што живеат и работат иселениците од Македонија
» трансакциска сметка од банка каде ќе се дозначува пензијата

Кои се условите за македонска инвалидска пензија?
Осигуреникот кај кого ќе настане општа неспособност за работа, како и осигуреникот со преостаната работна способност, кој поради навршување на одредени години на живот не може со професионална рехабилитација да се оспособи за вршење на друга соодветна работа стекнува право на инвалидска пензија доколку се исполнети предвидените услови во поглед на пензискиот стаж со Законот за пензиско и инвалидско осигурување.
Кои документи ми се потребни за инвалидска пензија?
Потребни се истите документи како за старосна пензија и треба дополнително да се достави медицинска документација.
Кои се условите за македонска семејна пензија?
Семејна пензија можат да остварат следните лица: брачниот другар, децата (родени во брак или надвор од брак или посвоени, посиноците кои ги издржувал осигуреникот, внучињата и други деца без родители кои ги издржувал осигуреникот), родителите (таткото и мајката, очувот и маќеата) и посвоителот, што ги издржувал осигуреникот.
Семејна пензија може да оствари и брачниот другар од разведен брак, ако со судска одлука му е утврдено право на издржување.
Членовите на семејството стекнуваат право на семејна пензија ако умрениот осигуреник има најмалку 5 години стаж на осигурување или бил корисник на старосна или инвалидска пензија.
Кои документи се потребни за аплицирање за семејна пензија?
Потребни се следните документи:
» работна книшка и докази за пензискиот стаж што не е евидентиран во работната книшка ако правото на семејна пензија се остварува по смртта на активен осигуреник.
» меѓународен Извод од матичната книга на родените за сите членови за семејството за кои се бара признавање право на семејна пензија.
» меѓународен Извод од матичната книга на венчаните за вдовицата/ вдовецот за кого се бара признавање право на семејна пензија (изводот треба да биде издаден после смртта на осигуреникот – корисникот на пензијата)
Пензиско и инвалидско осигурување и билатерални договори за социјално осигурување на РМ и земјите каде што живеат и работат иселениците од Македонија
» меѓународен Извод од матичната книга на умрените
» доказ за редовно школување на децата постари од 15 години и » трансакциска сметка од банка каде ќе се дозначува пензијата.
Каде се поднесува барање за остварување на право на македонска пензија?
Барањето за остварување право на македонска пензија осигуреникот/ подносителот го поднесува до надлежната институција односно органот за врска на таа договорна страна со која Република Македонија има склучено договор, а на која осигуреникот/ подносителот има постојано место на живеење, заедно со потребната документација.
Каде ќе ми се исплатува македонската пензија доколку сум иселеник и живеам во странство?
На корисник на пензија – државјанин на Република Македонија кој ќе се сели во странство, пензијата и другите парични примања му се исплатуваат во странство, ако таква обврска е предвидена со меѓународен договор.
Ако таква обврска не е предвидена, директорот на Фондот донесува решение за исплата на пензијата по дискреционо право.
Што треба да поднесам како доказ за покренување на постапка за транфер на пензија?
» писмено барање
» уверение за државјанство
» девизна сметка од банка каде ќе се дозначува пензијата » копие од решението за пензија
Корисник сум на македонска пензија, а сум иселеник и живеам надвор од Република Северна Македонија, кои други обврски ги имам за да редовно ми се исплатува пензијата?
Корисниците на македонска пензија кои живеат надвор од Република Македонија двапати годишно и тоа месец април и октомври треба задолжително да пратат Потврда за живот до Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.
Потврдата за живот е достапна на Интернет страната на ФПИОМ.

АДРЕСАР НА ИНСТИТУЦИИТЕ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
ВЛАДА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
www.vlada.mk
МИНИСТЕРСТВО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ
www.mvr.gov.mk
МИНИСТЕРСТВО ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ
www.mfa.gov.mk
МИНИСТЕРСТВО ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА
www.mtsp.gov.mk
АГЕНЦИЈА ЗА ИСЕЛЕНИШТВО
www.emigration.gov.mk
ФОНД ЗА ПЕНЗИСКО И ИНВАЛИДСКО ОСИГУРУВАЊЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
www.piom.com.mk

Агенција за иселеништво на Република Македонија Скопје, мај 2018 година