Business Mazedonien

Дури 78% од германските компании изјавиле подготвеност повторно да инвестираат во Северна Македонија

29.03.2019 Македонија

78% од германските инвеститори во Македонија би ги прошириле бизнисите.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за финансии ,Драган Тевдовски, министерот за економија, Крешник Бектеши и директорот на ДТИРЗ, Александар Младеновски, утринава остварија средба со директорот на делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, г-дин Патрик Мертенс, со кого разговараа за наодите од анкетата која делегацијата ја спроведе во февруари оваа година, но и за економската соработка помеѓу двете земји и процесите преку кои оваа соработка се унапредува.

Во својата изјава за медиумите, по остварениот состанок, вицепремиерот Анѓушев истакна дека резултатите од анкетата за бизнис климата во Северна Македонија спроведена од делегацијата на германското стопанство се патоказ за попосветено и уште подобро работење на Владата. Тој дополни дека на состанокот се детерминирани сите причини поради кои некои од статистичките податоци во анкетата се на незадоволително ниво, при што истакна дека во самата анкета има и многу позитивни наоди, кои покажуваат дека постои и задоволство од германските компании од работата на Владата.

„Дури 78% од германските инвеститори кои работат во земјата покажуваат подготвеност повторно да инвестираат, 48% од компаниите ќе го зголемат својот промет во 2019 година, додека само 15% од нив очекуваат прометот да биде намален, 41% од германските компании очекуваат зголемување на извозот, наспроти 7% кои очекуваат намалување, додека 37% од анкетираните компании имаат во план зголемување на бројот на вработени, “, нагласи Анѓушев.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека германските компании изразуваат позитивни оценки за Законот за финансиска поддршка на инвестиции кој го сметаат за транспарентен и поддржувачки за компаниите, а очекуваат поголемо вклучување во креирање на економските политики на Владата, особено кога станува збор за даночни реформи и нивото на минималната плата. Анѓушев подвлече дека соработката со германските компании кои работат во земјата е на високо ниво, секој квартал се остваруваат групни средби на кои компаниите ги претставуваат своите предизвици, додека Владата работи на системско решавање на нивните прашања во насока на поинтензвен економски раст и развој на земјата.

Директорот на делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, Патрик Мертенс, истакна дека во Владата гледа стабилен партнер за соработка, а со заедничка работа и посветеност има можност да се постигнат и подобри економски резултати во иднина.

„Дури 78% од германските компании ијзавиле подготвеност повторно да инвестираат во Северна Македонија, ова е високо ниво и за да се задржи потребно е да се работи уште посилно и посветено. Во врска со Дрекселмаер, би сакал да истакнам дека станува збор за гласини, оваа компанија нема да ја напушти земјата. Германските инвеститори ја земаат во предвид Република Северна Македонија како нивна дестинација за инвестиции и сметам дека има голем потенцијал за нови инвестиции. Пазарот на трудот е особено важен во процесот на одлучување на компаниите при избор на дестинацијата за нивните нови инвестициски проекти. Постојат заинтересирани компании кои бараат високо ниво на инжинерски вештини и компании кои сакаат да инвестираат во проекти за истражување и развој. Заедно со Владата и со министерството за образование веќе спроведуваме проект за унапредување на стручното образование, Дрекселмаер е една од компаниите вклучени во овој проект, која долго време работи на имплементација на проектот. Околу 50% од анкетираните компании изразија задоволство од работата на Владата, не може сите компании подеднакво да бидат задоволни, но за да овој степен се зголеми, потребно е да се работи уште попосветено и посилно. Политиките на Владата за привлекување на странски инвестиции придонесуваат позитивно за долгорочниот развој на земјата. Постојат деловни предизвици, а Владата треба да продолжи работи и да ги поддржува и домашните и странските компании за да останат здрави, за да се зацврстува економијата во земјата“, подвлече Мертенс во изјавата за медиумите.

АС