Mazedonien

Втор ден на жалост по автобуската несреќа,Идентификувани се загинатите.

Државата ја доживеа досега најтешката сообраќајна несреќа во поновата историја кога кај Ласкарци се преврте автобус во кој загинаа 14 патници

петок, 15 февруари 2019

Втор ден на жалост по автобуската несреќа, се утврдуваат причините

Во земјава денеска е втор ден жалост по сообраќајката во која завчера на патот Скопје-Тетово загинаа 14 лица, а 37 беа повредени откако кај село Ласкарци се преврте автобус на компанијата „Дурмотурс“. Во критична состојба, според последните информации, се петмина од повредените од кои двајца се хоспитализирани во ГОБ „8 Септември“, а тројца на Скопските клиники.

Идентификувани се загинатите во трагичната автобуска несреќа на патот Скопје-Тетово.

ПОЧИВАЈТЕ ВО МИР:

Ајден Исмаили, од Гостивар, кој работел како туристички водич

Зоран Давидоски (1981), вработен во Град Скопје од 2011 година на повеќе раководни позиции, а од 2014 бил раководител на Секторот за сообраќај.

Раметула Абдурахими, работел во администрација во Скопје

Јовица Трпевски, 27 години, кошаркар на КК Гостивар

Онур Садику, 19 годишeн студент на Mедицинскиот факултет во Скопје, чие семејство живее и работи во хрватскиот град Пореч

Бесим Камбери, од гостиварското село од Сенокос, вработен во Скопје

Бобан Аврамовски, студент на Факултетот за дизајн и мултимедија на ФОН

Павле Костовски, вработен во Организација на потрошувачи на Македонија

Трпана Јаневска, од Гостивар

Валдете Хамити (1989) од Дебреште

Есад Емрули од Гостивар

Бејза Узеири од Бањица

Бесим Фетаи од Врапчиште

Дејан Ристоски, вработен во Народна Банка

Надлежните институции го утврдија идентитетот на жртвите, завршен е увидот на местото на несреќата, а автобусот е однесен на вештачење. Како што информираше вчера Јавното обвинителство, интензивно се работи на утврдување на сите детали за причините на несреќата.

Автобусот на компанијата „Дурмо турс“ што излета од автопатот и се преврте во близина на стариот пат, е кренат од местото на несреќата и по наредба на јавен обвинител врз него ќе се врши детално техничко вештачење од страна на Машинскиот факултет во Скопје. Од досегашните сознанија е утврдено дека автобусот бил набавен во 2001 година, а последен пат бил регистриран во јануари 2019 година. Вешт наод и мислење треба да достави и Бирото за судски вештачења.

Анализата на примероците на крв и урина на возачот кој беше хоспитализиран поради телесни повреди покажала дека во моментот на несреќата кај него не е регистрирано присуство на алкохол, лекови или психотропни супстанции. Дополнително ќе се утврдува дали во моментот на несреќата користел мобилен телефон.

Обвинителството најави одлука по обезбедување на сите докази, целокупната релевантна документација, обдукциските протоколи, медицинската документација за повредите на другите патници, извештаите за наредените вештачења, испитувањето на возачот, на патниците во автобусот и на очевидци на настанот.

По несреќата Владата на вонредна седница прогласи дводневна жалост во целата држава. Комеморативни седници одржаа општините Гостивар и во Врапчиште, од каде се починатите во несреќата, во присуство на државниот врв и владини и партиски делегации.

Сочувство до семејствата и граѓаните на Македонија упатија и политичари од повеќе држави од соседството и пошироко, како и од Европската унија и од НАТО.

АС