Diaspora Lernen Politik

Владата со нов предлог закон за имиграција

12.05.2019 Германија

Нов закон: Како да се доселите и работите во Германијa

Владата на Ангела Меркел го претстави долго очекуваниот предлог-закон за имиграција во Бундестагот. Во жешка дебата во Бундестагот, германската влада го бранеше новиот предлог-закон кој треба да го олесни приемот на обучени работници.

Новиот предлог, кој се подготвува во владата повеќе од пет месеци, е владин одговор на долгогодишните поплаки од бизнис заедницата која е загрижена поради недостатокот на квалификувани ИТ-специјалисти и инженери во Германија, како и недостаток во бројни стручни професии. На остареното германско население итно му се потребни медицински персонал и негуватели.

Министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер го претстави предлогот како „историска пресвртна точка“ кој определува јасни критериуми за доаѓање и работа во Германија.

Една од клучните точки на законот е укинувањето на членот според кој за секое работно место во земјата предност прво имаа државјани на Германија и на ЕУ.

Законот ќе им олесни на имигрантите со стручно образование да се доселат во Германија. Досега, германскиот систем ги фаворизираше оние со академски квалификации. Притоа, ќе биде дозволено за одредени категории под одредени услови, да дојдат во Германија за да се стекнат со стручен тренинг.

Опозицијата го критикуваше ограничениот опсег на законот, додека владата се правда дека не сака да дозволи „имиграција во социјалниот систем“.

АС