Kultur Lernen Mazedonien

АНСАМБЛОТ „ТАНЕЦ“ ОДБЕЛЕЖИ 70 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ

26.06.2019 Скопје

Националната установа за народни игри и песни ансамбл „Танец” вчера одбележи 70 години од формирањето. По тој повод, ансамблот одржа концерт во Националната опера и балет.

Пред почетокот на концертот, како што беше најавено, се обрати премиерот Зоран Заев и директорот на НУ ансамбл „Танец”, Мартин Вучиќ.

Ансамблот „Танец“ официјално е формиран во мај 1949 година со указ од тогашната влада. Богатото фолклорно наследство, песните и ората од државава, „Танец“ ги презентирал на голем број светски сцени и има добиено многу награди и признанија. Ансамблот учествувал на повеќе од 4.500 концерти во земјата и во светот пред околу осум милиони гледачи.

Репертоарот на „Танец” го сочинуваат најубавите игри, песни и оркестарски дела како што се: „Невестинското”, „Тешкото”, „Комитско”, „Чифте Чамче”, „Осоговка”.

Во рамките на вчерашната свеченост награди за особен придонес во развојот на ансамболот „Танец“ им беа врачени на луѓето кои раководеа со него низ годините: Бошко Тренески, Томе Димишковски, Марко Коловски, Зоран Џорлев и на Атанас Коларовски, првиот играорец во Танец.

АС