Business Mazedonien Sport Unkategorisiert

Најпопуларниот и најмодерен ски центар во државата новата ски сезона ќе ја започне ребрендиран како “Ресорт Маврово“

29.11.2019 Македонија

Најпопуларниот и најмодерен ски центар во државата новата ски сезона ќе ја започне ребрендиран како Ресорт Маврово, под чиј бренд се вклучени хотелите Бистра, Спорт, Лоџ и Спортскиот центар Маврово. Во понуда на Ресорт Маврово остануваат веќе познатите содржини како Галичко бачило, Старо бачило, Трифкова колиба, Клуб Ратрак и пицеријата Ски-школа, како и пејзажните ски патеки на планината Бистра по кои е препознатлив ски центарот. Идејата позади логото е да ја заокружиме приказната за Маврово како ресорт со богат избор на содржина за сечии вкус и сите четири сезони. Повелете, да го почуствувате новиот пулс на Маврово “, вели Рипсиме Кузевска, Маркетинг менаџерот на Ресорт Маврово.

Поважни активности кои се реализираа за сезонава се систем за заснежување на патеката под двоседот, истата е проширена и обезбедена во нејзините тесни делници. Поставена е дрвена ограда кај жолтиот лифт која ќе придонесе да се сочува и акумулира снег при силни ветрови. Со новата патека-конектор, 52ка се прави брзо поврзување на горната станица од плавиот па се до Старо бачило. Тука во стрмната зона кај црвениот лифт поставени се лавински бариери. Нов онлајн систем за купување на ски карти, односно карти со надополнување.

Центарот најави реализација и реновирање на Трифкова колиба во модерно функционално бачило. Во непосредна близина од крајната станица на двосед па се до средна станица се планира велосипедски парк. Модернизација на постоечкиот снежен парк, национален shuttle автобус.

„Ребрендирањето на центарот може да го гледаме како логичен потег од континуираното подобрување. Ресортот вложува согласно можностите на приватен ски центар во Република Македонија, во тоа што нашите гости го бараат секоја сезона. Наша задача е да го изостриме слухот, тие барање да ги адаптираме најбрзо што можеме и да не се повторуваат од година во година, а таму каде можеме и да изненадиме.

Поголемите инфрастуктурни инвестиции започнаа во 2018 година кога од реномираниот италијанско – австриски производител DemacLenko набавивме и монтиравме современа опрема за заснежување и правење вештачки снег. Таква опрема се користи во светските познати ски центри како што се Шамони, Кицбил, Ст. Мориц, Кронплац. Инвестиравме во 19 шахти, 9 снежни топови, 4 снежни стикови. Системот за вештачки снег на Едносед стазата е во должина од речиси 2 километри и целосно ја покрива стазата. Вкупната инвестиција само во овие активности е 1.000.000 евра“, објанува Огњан Циговски, директорот на групацијата К.А.К.

Инвестицискиот циклус во 2019 година опфати набавка на современа опрема од DemacLenko за заснежување и правење вештачки снег на ски патеката Маврово 2 (патека двосед) во вредност од 600.000 евра. Патеката двосед е проширена и отворена е и новата ски патека „52”. Патеките се обележани со знаци и поставени се снежни огради.

Дополнители инвестиции во 2018 година се 120.000 евра за опрема (ратракот со винч и 15 илјади евра за медицинско возило). Во Хотел Спорт инвестирани се 60.000 евра во надворешен базен и џакузи, што ќе може да се користат во лето и во зима. Додека 70 илјади евра се инвестирани во нов систем за греење со енергетска ефикасност. Проширен е и паркингот пред хотелот и неговиот капацитет е зголемен за 200 паркинг места.

Во близина на бачилото Трифкова колиба поставени се буквите МАВРОВО, на локација каде што можете да го доловите и да го споделите идеалниот зимски пејзаж, а дотаму може да се стигне со пријатна 15-минутна прошетка од горната станица на двосед Маврово 1.

„Во поглед на стратешките планови и „меките“ мерки за унапредување на менаџирањето со Ресортот, инвестиравме во нашето знаење и визија. Во 2018 година го ангажиравме Гир Олсен, надворешен консултант да изработи долгорочна и амбициозна студија за Скијачкиот центар Маврово. Скијалиштето доби нов, поубав и побезбеден облик, а неговата намена е мултифункционална за наредната деценија “, вели Огњан Циговски, директорот на групацијата К.А.К.

За безбедност на скијалиштето и медицинска заштита, центарот вработи и медицински тим, а склучи и договорот со македонското Здружение за заштита и спасување во планина и неристапен терен – Асклепиј – Ски патрола.

За подобрување на текот на информации и унапредување на менаџирање со дестинација каде сме свесни дека сме лидери, Ресорт Маврово го издава и списанието „Наше Маврово“ на македонски, англиски и албански јазик со тираж од 7000 примероци. Ресортот вложи и во обуки на нововработените посветувајќи особено внимание на менаџментот и кадарот вклучен директно во угостителството и односот со гостите, а овде спаѓа обука за вработените на жичара, келнерите и рецепционерите.

За пресвртот што спортскиот центар Маврово го доживеа последниве две години, показател беше и летната сезона. Во Спортскиот центар Маврово спаѓаат спортските летни терени на отворено и спортска сала. Спортскиот центар Маврово оваа година од мај до октомври месец беше домаќин на повеќе спортски школи, тимови и репрезентации за тренинзи и подготовки, тие ги користеа надворешното фудбалско игралиште, малото бетонско кошаркарско, фудбалското и тениското игралиште, како и ново опремената спорстска сала за тимскии спортови и фитнес.

SkiMacedonia