Diaspora Kultur Mazedonien Sport Unkategorisiert

Европскиот шампион Селдин ќе лизга за Македонија! Вечерва во Италија настапува под македонско знаме

Европскиот шампион Селдин ќе лизга за Македонија! Вечерва во Италија настапува под македонско знаме

Петнаесетгодишниот Селдин Салиу од Маврово и Ростуше, шампион во уметничко лизгање на Италија и европски шампион во категорија кадети, вечерва во Италија ќе го има првиот натпревар под знамето на Македонија. Досега учествувал на 44 натпревари во различни категории во Италија и странство.

Селдо, како што го викаат најблиските, стана дел од Македонската федерација на лизгачки спортови во август оваа година и е пресреќен што конечно ќе лизга на мразот за македонската репрезентација.

– Настапувам во италијанскиот град Мерано и досега ја претставував Италија. Но, сега сум пресреќен бидејќи сум член на Македонската федерација и гордо ќе го веам македонското знаме!

Од Федерацијата за лизгачки спортови велат дека се горди и задоволни што Селдо од оваа година е дел од нивната репрезентација. Ние како Федерација го препознавме неговиот квалитетот и пред сè големата желба што тој ја има да тренира уметничко лизгање, велат тие. 

– Со приемот на Селдо во нашата Федерација сакаме да испратиме порака, дека вратите на нашата Федерација се отворени за сите квалитетни и посветени спортисти, а наши сограѓани без оглед на тоа дали овој спорт го тренираат надвор од границите на РепУблика Северна Македонија. Знаеме дека ние како Федерација постоиме само за да овозможиме услови и напредок на сите спортисти. Ние сме тука да дадеме безусловна поддршка и секогаш сме спремни да ги следиме и унапредуваме нивните спортски залагања. Нивниот успех е наш успех, а истото важи и во обратна насока – вели претседателката Цветанка Макаровски.

Селдин заедно со неговото семејство заминал во Италија кога имал шест месеци. Со братчето Лиман и родителите живеат во Фелтре, гратче во провинцијата Белуно.

Родителите ни раскажаа дека Селдо почнал да посетува курсеви по уметничко лизгање кога имал 6 години. Првиот пехар го добил на седумгодишна возраст.

– Уште на почеток неговиот интерес за лизгањето на мраз беше голем, па во категоријата почетници секогаш беше на подиумот – се сеќаваат родителите Сумеја и Алисан.

20191101-evropskiot-shampion-seldin-saliu-konechno-kje-lizga-za-makedonija-vecherva-vo-italija-nastapuva-pod-makedonsko-zname-2.jpgСите пехари на Селдин

Досега учествувал на 44 натпревари во различни категории во Италија и странство. Дури 18 пати бил прво место, 10 пати второ и 5 пати трето. Има и 11 медали. Во февруари 2015 станал регионален шампион на Венето. А во 2017 година станал национален шампион во категоријата кадети на Купот во Торино.

– Во 2018 година мораше да направи пауза поради здравствени проблеми, но се врати со полна пареа во почетокот на оваа година – вели мајката Сумеја.

На шампионатот на Италијанската унија на спортови (UISP) освоил прво место и станал шампион на Италија, а по само една недела, на 22 март 2019 година, станал европски шампион во неговата категорија.

Неговите спортски настапи, кои ќе следуваат како претставник на Федерацијата за лизгачки спортови, ќе донесат придобивки и за нашите спортисти, велат оттаму.

– Размената на тренерска и стручна поддршка од неговите тренери од Италија, како и неколкунеделени тренинзи во текот на сезоната на Селдо во РСМ со нашите спортисти ќе им биде поттик и мотивација за постигнување на нивните цели. Жалиме што во земјава немаме услови за тренирање на уметничкото лизгање повеќе од 3-4 месеци (немаме затворено лизгалиште), па со тоа и квалитетни и талентирани спортисти како што е Селдо мораат да заминат и да тренираат надвор. Многу талентирани и посветени спортисти што во моментов го тренираат овој спорт дома секојдневно се соочуваат со предизвици во кратката сезона на мраз да го извлечат својот максимум. Ние како Федерација само можеме да апелираме до надлежните да им овозможат на овие спортисти да го остварат својот сон. Талентот е неоспорен. Тој е видлив преку низата медали на натпревари и признанија што ги добиваме од тренерски имиња кои во изминатите годините беа во посета и го поддржаа спортот во РСМ, но за жал поради немање доволно услови за тренинзи, тој талент или заминува надвор од границите или останува неискористен. Очекуваме одличен настап на Селдо, а тој и другите спортисти ја имаат целата наша поддршка – вели Макаровски. 

Селдо на мразот поминува и по три часа дневно. Тоа е неговата најголема желба.

-Се надевам дека вечерва ќе имам успешен настап, а најголема желба ми е да ја претставувам Македонија на Олимписки игри.

“Федерацијата за лизгачки спортови на РСМ”

АС