Business Diaspora Mazedonien

Германија ја крева рампата за квалификувани работници од земјите надвор од ЕУ

16.12.2019 Германија

Германија ја крева рампата за квалификуваните работници од земјите кои се уште не се дел од Европската Унија.

Веста на социјалните мрежи ја соопшти канцеларката Ангела Меркел, која во своето саботно видео-обраќање посочи дека земјата има вистински проблем со недостиг на квалификувана работна сила. Голем дел од компаниите во Германија, според неа веќе подолг период се соочуваат со проблем да најдат работници. „За жал, Германија нема доволно квалификувани работници насекаде. Пред 15 години имавме проблем, 5 милиони невработени, затоа денеска прашањето е: каде да ги најдеме вистински квалификуваните работници? Ова прашање се поставува на академско поле, но и во практичните професии. Знаеме за многу занаетчии и компании кои очајно бараат квалификувани работници. Затоа е потребно да се стремиме кон доволно стручни работници“,вели Меркел.

Канцеларката во говорот предупредува и дека доколку не се обезбеди потребниот број на работници,  германските, но и странските компании кои работат во Германија ќе си заминат. Од таа причина, според неа, работната рака од земјите-членки на Унијата не е доволна, а потребни се и квалификувани работници од земјите, кои се уште не се дел од Европската Унија.„Во спротивно, компаниите ќе треба да си заминат – ние се разбира не го сакаме тоа. Поради оваа причина, ние сме секако среќни што два и пол милиони луѓе од земјите – членки на ЕУ веќе работат кај нас. Во некои случаи, ние исто така треба да започнеме тука за да направиме работните услови разумни. Но, тоа само по себе не е доволно. Затоа ние треба да се стремиме кон специјалисти надвор од Европската Унија“, додава Меркел.

Од први март идната година, во Германија стапува на сила законот за имиграција на квалификувани работници, кој има за цел на работниците кои не се дел од ЕУ да им го олесни влезот во Германија. Во нив спаѓа и Македонија, како и останатите земји од Западен Балкан. Предупредувањето на Меркел, доаѓа во пресрет на денешниот самит во Берлин, посветен на овој проблем, а на кој решение ќе бараат претставниците на тамошната власт, работодавачите и синдикатите.

АС